Костадиновски: Поголеми приноси и конкурентност со набавката на високо приносен добиток

gruevski-kostadinovski

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски очекува дека со мерката за 80-процентна финансиска поддршка при набавка на високо приносен добиток ќе се обезбедат повисоки приноси за сточарите, а со поквалитетните производи кои се добиваат од ваквите грла добиток, македонскиот земјоделец ќе стане поконкурентен на европскиот пазар.

Тој денеска изјави дека при креирањето на оваа мерка, се воделе и од фактот да го подигнат нивото на бројност на добитокот во Македонија, но и да го подобрат квалитетот на структурата во овчарството, краварството, свињарството…

– И на ова ниво на бројност што го имаме сега, структурата не е поволна ниту за земјоделците, ниту за државата. Во таа насока ќе обезбедиме два милиони евра за овој проект и уште три милиони евра за системот „капка по капка“ со цел да постигнеме ефекти, истакна Костадиновски.

Осврнувајќи се на придобивките од оваа мерка, заменик-министерот Костадиновски напомена дека се фокусирани и на производство на евтина добиточна храна која ќе се применува при одгледување на добитокот.

Мерката за финансиска поддршка од страна на државата при набавката на високо приносен добиток ќе почне да се применува од 1 јануари 2017 година преку Програмата за рурален развој.

Максималната вредност на прифатливи трошоци ќе изнесува до 100 милиони денари со кои може да се купат максимум 100 крави или 1000 високо приносни кози или пак 800 високо приносни овци.

Средствата ќе се доделуваат како неповратна финансиска помош, а право на користење ќе имаат сите одгледувачи на добиток кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Набавката на добитокот ќе се врши од признати одгледувачи на добиток.

Powered by keepvid themefull earn money